стоматолошка ординација

ИЗЈАВИ

Јагода Михајловска - Георгиева

писател и новинар

Пред речиси триесет години прв пат ја сретнав Јелица Кртолица, а таа исто така прв пат се сретна со моите заби. Гледаше во нив со прониклив стоматолошки поглед, додека јас гледав во нејзините прекрасни очи. Не беше до нивната чудесна боја, туку до довербата и спокојството што ми го влеваше тој нејзин поглед. Како никогаш претходно се почуствував во сигурни раце... и веднаш и' се препуштив без резерва, без заплашеност (да, секогаш претходно сум се плашела од стоматолошки интервенции!). Врсничка ми е, ама јас тогаш бев мало дете водено од искусен возрасен. За навек сум и' благодарна за мојата насмевка што таа ми овозможи радосно да ја носам со години, благодарение на нејзината стручност, чуство за естетика, внимателност во работата, суптилност, како да не е стоматолог, туку дизајнер на најубава облека. Во тоа време работеше на Клиниката за стоматологија. Кога отвори приватна ординација и' станав еден од првите редовни пациенти, патем низ годините и блиска пријателка. Ги засакуваме и се зближуваме со тие што не' прават среќни.

Еве веќе петта година како сме поблиски - имаме заеднички внуци. Син ми Гордан и снаа ми Ана (Кртолица-Георгиев!) засекогаш не' поврзаа на најубав можен начин. Не би си го дозволила овој приватен, сосема интимен отклон од темата доколку Ана не би била мојата нова, млада “креаторка“ на моите нови “подмладени“ насмевки. Ако било кога сте се посомневале во вистиноста на изреката “круша под круша паѓа“ посетете ја нивната заедничка ординација, ќе ви биде јасно за што зборувам.

Горан Стефановски

драматург и сценарист

Во април 2016 се појавив на прагот на ординацијата на доктор Јелица Кртолица и нејзината ќерка Ана Кртолица-Георгиев. Носев со себе страв од забари кој го имав собирано педесет години. Се сметав себеси за тежок случај и комплициран пациент.

Воопшто не разбирам како тие успеаја, толку лесно и елегантно, да создадат кај мене потполно чуство на доверба. Брзо ми покажаа и докажаа дека совршено си ја знаат работата и дека се вистински уметнички во својот занает. За само неколку дена тие ги санираа моите проблеми и сосем ми ги реновираа забите и насмевката.

Обете се врвни стручњаци, со полно право горди на своите првокласни резултати! Од срце ги препорачувам и им останувам длабоко благодарен.